Продолжува падот на продажбата на нови автомобили во земјава. Најновите податоци на Царината покажуваат дека во првите пет месеци од годинава во земјава биле увезени и продадени вкупно 1.232 возила, што е пад за околу 11 отсто во однос на истиот период од минатата година, или намалување за 28 проценти во однос на овој тајминг од 2012. Падот на продажбата на нови возила можеби е една од причините што овластените импортери се соочуваат со проблеми во своето работење. Пред само неколку дена, пак, во земјава беше затворена една од компаниите од автомобилскиот бизнис. „Маккар“, компанијата која беше официјален увозник за автомомобилите на БМВ во Македонија, доживеа да добие клуч на врата, а нејзиното седиштето беше напуштено.
Продолжува падот на продажбата на нови автомобили во земјава. Најновите податоци на Царината покажуваат дека во првите пет месеци од годинава во земјава биле увезени и продадени вкупно 1.232 возила, што е пад за околу 11 отсто во однос на истиот период од минатата година, или намалување за 28 проценти во однос на овој тајминг од 2012.
Падот на продажбата на нови возила можеби е една од причините што овластените импортери се соочуваат со проблеми во своето работење.
Пред само неколку дена, пак, во земјава беше затворена една од компаниите од автомобилскиот бизнис. „Маккар“, компанијата која беше официјален увозник за автомомобилите на БМВ во Македонија, доживеа да добие клуч на врата, а нејзиното седиштето беше напуштено. Ознаките на некогашниот ексклузивен увозник за БМВ, „мини“ и „ланд ровер“ во Македонија, останаа да сведочат за некои поубави времиња за дистрибутерите на нови возила.
Деновиве порталите пишуваа дека матичната фирма, односно централата на БМВ во Германија, е адресата до која треба да се обратат купувачите на овие автомобили во земјава, објасниле познавачите на заштитата на потрошувачките права. Купувачите засега немаат никакви информации, во смисла кој ќе ја покрие гаранцијата на автомобилите, каде да набавуваат делови, и кој ќе ги сервисира автомобилите. Од Организацијата на потрошувачи на Македонија советувале купувачите да се организираат, заеднички да се обратат до Пазарниот инспекторат и до централата на БМВ во Минхен и да бараат веднаш да ги извести кој ќе биде следен сервисер. Неофицијално, трката за нов дистрибутер на БМВ, „мини“ и „ланд ровер“ е веќе започната, а во игра била наводно „Аутомакедонија“, фирмата која веќе ги застапува брендовите „Опел“ и „Шевролет“. Од таа компанија не дале ни потврда ни демант на овие информации. Се зборува дека во трка се и српски фирми.
Продажбата на нови патнички автомобили беше најочајна на почетокот на годинава, пред се' во јануари, кога беа увезени само 192 возила, и во февруари, кога овде допатуваа 217 коли. Наредните три месеци состојбата малку како да „живна“, односно март донесе продажба на 280 нови коли, април 252, и во мај нови сопственици во земјава добија 291 нов патнички автомобил. Ова е, сепак, многу слаб месечен учинок, особено ако се има предвид дека во некогашните солидни „автомобилски“ години се сметаше за поразително продажбата да падне и под 400 нови автомобили месечно.
Во 2013 година во периодот од јануари до мај биле продадени вкупно 1.382 коли, додека, пак, во 2012 оваа продажба изнесувала 1.712 возила.
Автоимпортерите неофицијално зборуваат дека олеснетиот увоз на половни автомобили кој стартуваше од 2010 година, е една од главните причини за падот на продажбата на нови возила, а дополнителен удар беше зададен со стартот на светската економска криза, која се рефлектираше и врз животниот стандард во земјава.
Во периодот од јануари до мај годинава во земјава биле увезени дури 10.436 употребувани автомобили, или во просек по околу 2.000 месечно, што е многу повеќе од вкупниот петмесечен увоз на нови возила.
Во истиот период лани, пак, имало поголем увоз на стари автомобили, односно 12.734 возила.
Се' досега минатата година важеше за „рекордер“ по најниска продажба на нови автомобили. Конкретно, во текот на цела мината година земјава станала домаќин на вкупно 3.288 нови патнички возила, наспроти 29.560 стари автомобили.
И 2012 година важи за слаба година според продажбата на нови возила, со увезени 4.021 автомобил. Најдобра била 2009 година, со увезени 10.574 нови возила. Тогаш е последната година во која новите автомобили убедливо „им водат“ на старите, бидејќи биле довезени само 2.944 употребувани патнички возила.